Заев не знае дали има 80 гласа за уставните измени: Тоа ќе се дознае на денот на гласањето

Последниот пат кога го прашавме, премиерот Зоран Заев рече дека засега сметаат на поддршката на 76 пратеници кои би гласале „за“ уставните измени. Но, на истото прашање, денеска претседателот на Владата, одговори дека на денот на гласањето ќе се дознае дали ќе има 2/3 мнозинство или не.

„Дефинитивно ќе се знае на денот на гласањето. Претходно не е можно“, рече Заев.

Се вчитува...

Најпозитивни сигнали доаѓаат од Грција. Портпаролот на грчката Влада, во интервју за радио „Њуз 24/7“ изјави дека Парламентот веќе го има обезбедено мнозинството за ратификација на Договорот, а може да се гласа со над 151 глас. Според него, неколку дена по гласањето ќе се ратификува и Протоколот за членството на Македонија во НАТО.

„Премиерот Ципрас по 18 јануари ќе донесе одлука кога Преспанскиот договор ќе биде поднесен за ратификација во грчкиот Парламент“, вели Димитрис Ѕанакопулос, Портпарол на грчката Влада.

И во Македонија има реални шанси да се обезбеди 2/3 мнозинство за уставните измени. Политичкиот аналитичар Артан Дика за ова дава две причини:

„Останува да се види на денот на гласањето, но фактот што Заев се пазареше со група поранешни пратеници на ВМРО, амнестирани во замена за гласот „за“ и фактот што и самата ВМРО го ублажи тонот, можностите за да се постигне ова се реални“, вели Артан Дика, политички аналитичар.

На последната новогодишна средба со новинарите, првиот човек на Собранието на Македонија, Талат Џафери, рече дека очекува до 15 јануари да заврши усвојувањето на Договорот.

Како што се чини, така и ќе се случи. Весникот „Катимерини“ повикувајќи се на неколку извори, пишува дека НАТО сака најбрз можен процес. „Постои писмо од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое се повикува на завршување на сите процедури во двете престолнини до 15-ти февруари 2019 година“, пренесе „Катимерини“, додавајќи дека тоа ги забрзува и активира сите процеси во Атина.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21