Премиерот Зоран Заев не би прифатил кандидатура за претседател. Тој вели дека треба да и се даде шанса на економијата, а евентуалната кандидатура ја гледа како бегство од одговорноста што ја има пред граѓаните. Воедно додава дека има желба премиерскиот мандат да го истера до крај, а има други, подобри кандидати од него за претседател.
Меѓу имињата кои се споменуваат за можен консензуален претседател на СДСМ и ДУИ професорот Денко Малески. Но, првиот министер за надворешни работи на независна Македонија досега никој не го контактирал. Останува на тоа што го кажа пред неколку дена, дека за една таква понуда треба добро да се размисли.
Изборите ќе бидат распишани на 2 февруари, а во изминатите неколку дена во јавноста се појавија информации за неколку кандидати. Освен името на Заев и на универзитетскиот професор Денко Малески, како кандидати околу кои партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ ќе расправаат наскоро се спомнуваат поранешниот министер за финансии во владата на Никола Груевски, Трајко Славевски, како и универзитетската професорка Гордана Силјановска.
Инаку, претседателскиот мандат трае пет години. Ѓорге Иванов, кој на 2-мај ќе го заврши вториот мандат, не може по трет пат да се кандидира, бидејќи такво нешто не дозволува уставот на Република Македонија.
Репортер: Фуркан Салиу
