Премиерот Зоран Заев денеска во Собранието истакна дека ќе го отвори прашањето во Судскиот совет кое го покрена американскиот амбасадор Џес Бејли со писмото испратено до претседателите на судовите. Бејли од судовите побара „да не ја посочуваат Амбасадата на САД за одлуките што ги носат за притворите и пресудите“.
„Судскиот совет сигурно ќе донесе одлука. Ако имало таква работа, да се посочи и да се понесе одговорност. Ако немало да биде начисто Америка преку својот репрезент – американскиот претседател. Бидејќи кога зборува амбасадор, зборува земјата од која доаѓа. Ова е сигнал да превземеме одредени дејствија и да видиме што е причината да се дојде до такво писмо“, изјави Заев.
„За писмото разбрав од медиумите и сум загрижен од позитивен аспект. Му наложив на советникот за надворешна политика да се сретне со заменик амбасадорот и да добиеме појаснувања. Бидејќи Амбасадорот Бејли не е во земјава, и заменикот ќе може да објасни. Ако не, тогаш после празниците ќе разговарам со Бејли“, рече Заев.
