„Поредокот мора да важи за сите, а тоа го започнуваме со функционерите. Прекршување на закон значи затвор, а неетичко однесување значи оставка или разрешување. Ред, правда и дисциплина мора да има“, истакна вечерва премиерот Зоран Заев за Националната телевизија.
Според Заев, никој не е виновен без судски пресуди, но пресуди мора да има, мора да се зголеми транспарентноста, а поредокот мора да важи за сите.
Премиерот додаде дека сите случаи од СЈО поднесени до судот се активни и сите треба да имаат завршница, но мора да се подобри ефикасноста.
„Законите ќе значат прочистување на судството, судскиот совет има механизми да види кој застарувал предмети, како се враќаат предмети, механизми за проверка имаат и Државната комисија за спречување на корупцијата, управата за јавни приходи“, рече Заев.
Како што појасни, Законот за јавно обвинителство е донесен и ги има решенијата за сите случаи и за истраги, но според него, мора да се екипира судството и обвинителството, бидејќи недостасуваат кадри, а треба да се опремат и институциите, бидејќи според него, не може да пишуваат записници на машина за куцање.
„Ние отворивме фронт против криминалот и корупцијата, но јас не сум волжебник да го направам тоа сам, важни се медимуите, инстиуциите, сите карики на општеството,и дај боже да бидеме 100 % успешни“, порача Заев.
.
