После две и пол години водење силна и одговорна економска политика, граѓаните почнаа да ги чувствуваат придобивките – преку зголемените плати, преку намалените трошоци, преку мерките за поврат на средства и преку помошта која ја обезбедивме за ранливите, се пофали премиерот Зоран Заев преку видео порака. Како што тој тврди, оваа Влада за две години потпишала 34 нови договори за странски и домашни инвестиции.
„Во периодот меѓу 2017 и 2019 година имаме 741 милиони евра странски директни инвестиции. За разлика од овој рекорд на странски инвестиции, во периодот од 2013 до 2015, имаше 457 милиони евра, а во периодот 2015 – 2017, 555 милиони евра странски директни инвестиции. Рекордните странски инвестиции дојдоа како резултат на неколку клучни фактори: Надминувањето на политичката криза, решавањето на споровите со соседите и одговорната економска политика“, вели премиерот Зоран Заев.
Сепак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не мисли така. Тие велат и покрај фалењето на премиерот, македонската економија тоне. Споредбите ги направија со бројките од оваа и минатата година. ВМРО-ДПМНЕ вели дека инвестициите бележат пад од 187 милиони евра.
„Македонската економија тоне. Споредбено со лани директните странски инвестиции бележат пад од 164 проценти, односно 187 милиони евра помалку. Странските директни инвестиции во третиот квартал од 2019 година изнесуваат очајни 62 милиони евра. Приватниот сектор е пред колапс, криминалната банда на власт која најави економска година го клекна стопанстовото на колена. Годинава стопанството ќе оствари рекордно мал приход што дополнително е удар врз државната каса која ќе има намалени приходи по основ на даноци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека премерот Заев не го интересира државата, не го интересира економијата, не го интересира обичниот граѓанин кој едвај го минува месецот.