Ќе има или не предвремени парламентарни избори? И двајцата политички опоненти, премиерот Заев и опозицискиот лидер, Мицкоски, тврдат дека ќе победат на избори. Токму Мицкоски синоќа прв ја фрли ракавицата дека во април, заедно со претседателските ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Премиерот Заев, пак рече дека ќе разговара со органите на неговата партија, според него тоа би значело застој во многу области, но и ќе го зголеми скептицизмот кај меѓународниот фактор околу капацитетот на државата да се справи со реформите.
Сигурноста на Заев – дека би добил уште еден 4-годиштен мандат на предвремените избори, опозицискиот лидер Мицкоски ја стави на проба.
Македонија ја има можноста за 100 дена техничка Влада, бидејќи е предвидено претседателските избори да се одржат во април годинава. Мицкоски рече дека нивното барање за избори не е заради тоа да дојдат на власт по секоја цена, туку за да спречат Македонија да изгуби повеќе. Мицкоски, барањето за предвремени парламентарни избори го изнесе синоќа, откако беа изгласани уставните измени во Собранието, седница која опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираше бидејќи е категорична против Преспанскиот договор. Околу тоа дали постои можност по ова ВМРО-ДПМНЕ да го бојкотира Парламентот, Мицкоски одговори дека за тоа прашање ќе размислуваат следните денови.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
