Додека САД и Европската Унија забрзано отвораат рудници за критични минерали, Македонија сè уште тапка во место поради нејасни стратегии и притисоци од нестручни групи. Виктор Грозданов, експерт и поддржувач на рударскиот развој, во својата нова колумна остро предупредува дека земјата го ризикува сопствениот индустриски потенцијал.
„Во развиени држави, науката и екологијата одат рака под рака со индустријата. Кај нас, тоа поврзување уште недостига,“ истакнува Грозданов.
Како што наведува, стратегијата на МАНУ за периодот 2025–2045 може да биде само уште една „лакрдија“, доколку не се вклучат релевантни институции и стручњаци со специфично знаење за металургија и технологија.
„Недостасува основна транспарентност – кој ја пишува стратегијата, со какво знаење и кој стои зад документот? Без тоа, добиваме уште еден текст без тежина.“
Грозданов посочува примери од Европа и САД, каде рударските проекти добиваат приоритетен третман. Тој потсетува на случајот со рудникот „Resolution“ во Аризона, кој со поддршка од администрацијата на Трамп и судската власт доби зелено светло за реализација на проект вреден 64 милијарди долари.
„Судските власти во САД ги деблокираат рудниците, ЕУ ги забрзува дозволите, а ние имаме статус-кво,“ вели тој.
Македонија, додава, не смее повеќе да дозволува да пропаѓаат инвестиции како оние во Иловица, Кожув и Казандол, каде административни лавиринти и недоверба во институциите го оддалечуваат локалниот економски развој.
