Загрижувачки бројки: 65% од граѓаните во Македонија со висок индекс на телесна маса

Дебелината сè почесто се посочува како еден од најсериозните јавноздравствени предизвици во земјата, а последните податоци укажуваат на висока распространетост на проблемот кај населението. Според статистиките, околу 30 проценти од граѓаните во Македонија се соочуваат со прекумерна тежина, додека дури 65 проценти имаат висок индекс на телесна маса.

По повод Светскиот ден на дебелината, Министерството за здравство заедно со Светската здравствена организација (СЗО) вчера започнаа кампања под мотото „Круг на поддршка – За полесно слабеење, не осудувајте! Помогнете“. Кампањата има за цел да ја поттикне јавноста кон поголема емпатија и разбирање за луѓето кои се соочуваат со вишок килограми, како и да ја подигне свеста за здравствените ризици што произлегуваат од дебелината.

Претседателот на Научното друштво за дебелина „ОБЕМ“, д-р Ирфан Ахмети, посочува дека дебелината често не се препознава како основен здравствен проблем во медицинската пракса.

„На пациентите им се дијагностицираат последиците – дијабетес тип 2, хипертензија, срцеви и мозочни удари, неплодност – но ретко се препознава вишокот килограми како корен на овие проблеми“, вели Ахмети.

Во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување предлага воведување на таканаречен „данок на шеќер“ како една од мерките за справување со проблемот. Директорот на Фондот, Сашо Клековски, објаснува дека оваа мерка има двојна цел – да ги поттикне граѓаните кон поздрави навики во исхраната и да ја мотивира прехранбената индустрија да нуди производи со помалку калории и шеќер.

Од Светската здравствена организација предупредуваат дека проблемот е изразен и кај најмладите. Според нивните податоци, секое трето дете во земјата има проблеми со телесната тежина.

Претставникот на СЗО, Аким Али, нагласува дека покрај правилната исхрана, неопходно е и намалување на физичката неактивност, пушењето и консумацијата на алкохол, со цел да се изгради поздрав и одржлив начин на живот за идните генерации.