Замрзнат имотот на осомничените во случајот „Империја“

Основниот Суд Скопје 1, денеска информираше дека е замрзнат имотот на осомничените во предметот „Империја“, во кој меѓудругите се осомничени бизнисменот Орце Камчев, потоа поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, газдата на Пелистерка Цветан Панделески.

„Во однос на предметот од надлежното обвинителство означен како „Империја“, ја информираме јавноста дека – судија на претходна постапка постапувајќи по барања на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за привремено одземање на имот заради обезбедување, а поврзан со конкретниот предмет, судијата определи привремени мерки и забрани отуѓување и располагање со уделите на правните лица за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката.

Воедно судија на претходна постапка, постапувајќи и по два предлога на надлежното обвинителство за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции на правните лица за кои постои основано сомнение дека со кривичните дела, лицата опфатени во конкретниот предмет, прибавиле имотна корист, судијата ги прифати предлозите и со решенија наложи на повеќе банки да го запрат одливот на парични средства од сметките на предметните правни лица“, се вели во дописот на Судот.

Извор: ТВ21