66-годишен маж е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести со дијагноза на западнонилска треска. Ова е прв случај на ваков вид болест регистриран ова лето во земјава. Случајот е потврден и лабораториски во Центарот за јавно здравје. Пациентот сѐ уште се наоѓа на Инфективна во тешка, но стабилна состојба, потврдува за ТВ21 директорката на клиниката, Милена Стевановиќ.
66-годишниот пациент, веќе една недела е на Одделот за интензивна нега на Инфективна, додека болеста претходно му била дијагностицирана во ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје. Најверојатно станува збор за зараза што ја добил минатиот месец кога бил на излет на планина и покрај езеро. Според Стевановиќ, нема простор за паника. Освен прскањето против комарци од страна на надлежните, уверува таа, и епидемиолошките служби и останатите служби преземаат редовни активности за превенција и заштита од вирусот. Инаку, вирусот се пренесува преку заразени комарци. Се манифестира со симптоми на грип, но во поголем број случаи без изразени симптоми. Пред 10 дена и во Белград е регистриран првиот случај за оваа сезона на западнонилска треска, и тоа кај 84-годишно лице.
Според Европскиот центар за превенција на болести, во земјите на ЕУ, од 9-ти до 15-ти август биле регистрирани 22 случаи на вирусот – во Грција 14, во Романија 4, Кипар 3 и Бугарија 1, како и два смртни случаи, 1 во Грција и 1 во Романија.
Од 2016 па сѐ до минатата година, во Македонија немало заразени од западнонилска треска, а алармантна е состојбата во соседните земји. Во Србија се регистрирани 102 случаи, од кои 9 завршиле со смртни последици, додека во Грција пак, починале две лица, од вкупно 55 регистрирани случаи.
РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ