Изолацијата на двајцата пратеници од власта поради позитивен резултат на корона вирус, го остави Собранието без просто мнозинство од 61 пратеник. Ова отвора дебата за можноста Собранието да работи онлајн. Првичната идеја е онлајн да бидат само двајцата пратеници кои имаат одлука за изолација, вели пратеникот Јован Митрески.
Цела седница да биде онлајн бара консензус од сите парламентарни партии, но сега за сега, двајцата заразени пратеници од власта, на седница ќе учествуваат онлајн, открива за ТВ21 пратеникот на ДУИ, Изет Меџити.
„Во овој случај, да не комплицираме, да не ги мачиме пациентите (пратениците) да се движат од болница или од таму каде што се лекуваат, да доаѓаат на парламентарна седница, ние им овозможуваме само на тие двајца пратеници онлајн да бидат дел од парламентот и да ја завршат обврската за која се избрани од народот.“, рече Меџити.
Ова подразбира дека на Собранието нема да му недостигаат два гласа од мнозинството, за барем да се постигнат гласањата со просто мнозинство од 61 пратеник. Ова и е причина зошто власта инсистира на онлајн собраниска седница, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
И албанската опозиција вели дека ќе го поддржат законот за да се подобри кризата која ја донесе пандемијата, но пратеникот Скендер Реџепи вели дека за сето ова ќе треба да се изнајде компромис меѓу власта и опозицијата. Тие се против тоа парламентот целосно да премине на онлајн работа.
„Тешкото социо –економско прашање е да се надмине со преземените мерки, меѓутоа за овие мерки потребен е компромис и консензус меѓу политичките субјекти во Собрание. Идејата за онлајн ја убива демократијата и во овој случај ние не се согласуваме на има онлајн седници. Имало болни, имало несреќи, и други случаи, но тие останале во болница а Собранието продолжило со работа“, изјави Реџепи.
Директорот на ИЈЗ, Александар Стојанов, изјави за Националната информативна агенција дека ниту еден пратеник или вработен во собраниските служби нема да оди во изолација поради Ковид-19 откако било соопштено дека двајца пратеници се позитивни на вирусот.
ТВ21 денеска се обиде да добие став од Собранието за тоа како ќе продолжи со работа, но сега за сега, без одговор.
.
