Македонија

Затворени избирачките места

Затворени избирачките места

Во 19:00 часот денеска беа затворени избирачките места за вториот круг од осмите локални избори во 2025 година, за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три гласачки места во Шуто Оризари за советници.

Изборниот процес не се одвиваше за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, каде постапката ќе се повтори во рок од 60 дена по завршување на локалните избори.

Во вториот круг граѓаните гласаа во главниот град и во општините Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.

Право на глас во вториот круг имаат 1.013.375 избирачи, од кои 474.304 се во Град Скопје. Во општините Центар, Аеродром и Карпош беа поставени две ливчиња за гласање поради двојната изборна листа (градоначалник и локална самоуправа), додека во Шуто Оризари се гласаше за градоначалници и за советници на три гласачки места. Во останатите општини се гласаше само за градоначалник.

На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури, а најмногу кандидати за градоначалник беа во Скопје – 16 кандидати. Изборниот процес го следеа 1.598 меѓународни и странски набљудувачи (933 странски и 651 меѓународен).

Според Државната изборна комисија, до 17:00 часот излезноста во Скопје изнесувала 28,52%, а во општините каде се одвиваше вториот круг излезноста била 39,28%. Најголем одѕив имаше во Конче (64,44%), а најмал во Сарај (8,77%), соопшти портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска.

Гласањето заврши во 19:00 часот, а избирачите што беа присутни во објектите каде се гласа продолжија да го остваруваат своето право. Изборните места можеле да се затворат и пред 19:00 часот само со согласност на надлежната Општинска изборна комисија (ОИК), но броењето на гласовите не почнува пред официјалното затворање.

Записниците и изборниот материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК или Изборната комисија на Град Скопје во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Материјалот се транспортира од претседателот на ИО, придружуван од заинтересирани членови или претставници на листите, а доколку е потребно и од полицијата.

Партиските штабови ги следеа резултатите на терен, а конечните резултати се очекуваа околу полноќ.

Ден пред изборите, од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можеа да гласаат дома, тоа го направиле 3.327 граѓани. Во 14 казнено-поправни установи од 1.256 запишани гласачи, на изборите гласале 588 лица, а во 214 установи за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 лица.

ДИК истакна дека гласањето за сите овие категории се одвиваше непречено и без проблеми или недоследности.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни