Заврши евакуацијата од Заливот: Државата ги покри трошоците, сите пријавени се вратени!

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, потврди дека процесот на евакуација на македонските државјани од регионот на Заливот е успешно завршен. Преку организирани чартер-летови, сите граѓани кои побарале помош за извлекување биле безбедно транспортирани, а со последниот авион од Дубаи, државата ги затвори предвидените вонредни активности за евакуација.

Министерот нагласи дека оние кои одлучиле да останат во загрозениот регион и покрај безбедносните ризици, сега тоа го прават на сопствена одговорност. Тој додаде дека македонските летови не биле искористени само за нашите државјани, туку била пружена помош и за граѓани од соседните земји, како и за државјани на земји членки на Европската Унија.

Во однос на финансиската конструкција, Муцунски појасни дека била спроведена јавна набавка со лимит до еден милион евра, но конечната сума ќе се знае откако службите ќе ги сумираат сите трошоци врз основа на реализираните летови. За разлика од многу други држави кои бараат граѓаните самите да ги рефундираат трошоците за евакуација, Македонија донесе одлука целиот износ да биде покриен од државниот буџет. Според министерот, обврска на државата е да биде со своите граѓани во кризни моменти и целосно да ја преземе одговорноста за нивната безбедност.