Зекирија Шаини во стабилна состојба по вчерашниот вооружен инцидент во Куманово – пуштен на домашно лекување

Доктор Зекирија Шаини, кој вчера беше повреден во оружен инцидент во центарот на Куманово, денеска е пуштен на домашно лекување од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.

Директорката на Клиниката, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска изјави дека здравствената состојба на докторот е стабилна и дека се чувствува добро.

„Пациентот е во добра општа состојба. По укажаната медицинска помош и санирање на раните, е пуштен на домашно лекување,“ изјави таа.

Министерството за здравство вчера изрази загриженост поради вооружениот напад во кој бил повреден нивен колега, при што соопшти дека повредите не се животозагрозувачки.

„Докторот е стабилен и се опоравува. Министерството ќе му обезбеди целосна поддршка за време на неговото закрепнување и категорично осудува секое насилство врз здравствени работници. Безбедноста на медицинскиот персонал е наш приоритет,“ наведоа од Министерството.

Од таму додадоа дека ќе продолжат со унапредување на мерките за заштита на здравствените работници, преку координација со здравствените установи, МВР и локалните власти.

Според информациите на Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил вчера околу 13:54 часот на крстосницата меѓу улиците „Димитрије Туцовиќ“ и „11 Октомври“ во Куманово, кога две лица во движење пукале од огнено оружје кон возилото „фолксваген голф“ што го управувал докторот.

Шаини најпрво бил пренесен во Општата болница во Куманово, а потоа на понатамошен третман во Скопје.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.