Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска се очекува во Белата куќа, каде ќе разговара со Доналд Трамп во обид повторно да ја обезбеди поддршката од американскиот претседател во спротивставувањето на Русија.
Посетата, закажана за 9:30 часот по локално време, доаѓа во момент кога и Киев и Москва ги засилуваат нападите со долг дострел, додека дипломатските напори што ги иницираше Вашингтон и натаму се во застој, повеќе од четири години по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина.
Повеќе од 390 украински беспилотни летала во текот на ноќта биле насочени кон Московската област, соопшти утринава градоначалникот на руската престолнина. Локалните власти пријавија извесна материјална штета на станбени објекти.
Односите меѓу Зеленски и Трамп долго време беа затегнати, но американскиот претседател во последните недели покажа поголемо разбирање кон својот украински колега.
Претставник на Белата куќа минатиот петок за AFP изјави дека двајцата лидери ќе се сретнат денеска во Вашингтон, истиот ден кога е планирано оддавање почит на сенаторот Линдзи Греам, долгогодишен поддржувач на Украина, кој овој месец почина на 71-годишна возраст.
„Се подготвуваме за средба со претседателот на Соединетите Американски Држави и неговиот тим“, изјави Зеленски, додавајќи дека се надева оти Вашингтон „ќе продолжи да ја поддржува Украина и дека можеме да ја завршиме оваа војна со достоинствен мир“.
Откако повторно се врати на власт во јануари минатата година, Трамп во голема мера ги запре директните испораки на американско оружје за Киев, давајќи предност на програмата PURL, која им овозможува на европските земји да купуваат оружје и да го испорачуваат во Украина.
Сепак, Вашингтон останува еден од клучните сојузници на Киев, особено преку обезбедување разузнавачки информации и пристап до сателитскиот систем „Старлинк“, кој им овозможува комуникација на украинските војници на првите борбени линии.
На претходната средба во Вашингтон во октомври 2025 година, Зеленски не успеа да го убеди Трамп да одобри испорака на крстосувачките ракети „Томахавк“ за Украина.
За време на бурната расправија во Овалната соба во февруари истата година, двајцата лидери влегоа во жестока вербална пресметка пред телевизиските камери.
Трамп тогаш го обвини Зеленски дека е неблагодарен и дека „се коцка со Трета светска војна“.
Оттогаш американскиот претседател ја ублажи реториката, а при нивната последна средба во Турција, претходно овој месец, го пофали Зеленски, велејќи дека завршил „неверојатна работа“.
Тој, исто така, најави намера да ѝ овозможи на Украина производство на противвоздушни ракети „Патриот“, кои ѝ се неопходни за одбрана од руските напади.
Дополнителен знак за намалување на тензиите е и фактот што американски инфлуенсери блиски до движењето MAGA, како Лора Лумер и Тим Пул, во последните недели јавно изразија поддршка за Украина, иако со години се спротивставуваа на испраќањето помош за Киев.
Минатата недела Зеленски се сретна со специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за да разговараат за начините за „повторно активирање на дипломатските напори“, кои се во застој од почетокот на американско-израелската војна на Блискиот Исток во февруари.
Претходните американски обиди за посредување меѓу Москва и Киев не дадоа резултат поради несогласувањата околу чувствителното прашање за украинските територии врз кои право полага Русија.