Претседателот Володимир Зеленски ги повика Украинците да бидат трпеливи и силни за да ги издржат суровите зимски услови додека официјалните лица продолжуваат со напорите да ја вратат струјата и другите услуги кои беа нарушени од руските воздушни напади.
Од почетокот на октомври, Русија ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина, предизвикувајќи затемнување и оставајќи милиони луѓе без греење поради падот на температурите.
„За да ја преживееме оваа зима, мора да бидеме уште поотпорни и уште пообединети од кога било“, рече Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Не можеме да дозволиме никакви внатрешни конфликти и удари кои можат да не ослабат сите нас, дури и ако некој таму мисли дека тоа некако ќе го зајакне лично.
Западните земји ги осудија брановите руски воздушни напади врз цивилната и енергетската инфраструктура.
Американскиот потсекретар за политички прашања Викторија Њуланд изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја носи војната на ново ниво на „варварство“ обидувајќи се да ги прекине светлата и топлината на цивилите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм изјави дека од денеска прекините на струја ќе бидат ограничени на планираните „стабилизирачки“ прекини за обновување на мрежата, но додаде дека ситуацијата и понатаму е „тешка“.
Најголемиот снабдувач со електрична енергија во земјата, ДТЕК, рече дека прекини на струјата се планирани во три други региони – Одеса, Доњецк и Дњепропетровск во јужна и источна Украина.
Во Керсон, кој остана главно без струја кога руските сили го напуштија јужниот град минатиот месец, регионалниот гувернер рече дека 85 отсто од потрошувачите сега имаат струја.