Украинскиот претседател Володимир Зеленски и воени претставници објавија дека воздухопловните сили на земјата во петокот собориле три руски ловци-бомбардери Су-34 на јужниот фронт, поздравувајќи го тоа како победа во 22-месечната војна.
Руската армија не го спомена инцидентот, пренесува Фена.
Сепак, руските блогери ја признаа загубата, додека аналитичарите сугерираат дека најверојатно биле користени ракети „Патриот“ испорачани од САД.
Ројтерс не може независно да ги потврди извештаите.
„Денес [петок] напладне во јужниот сектор – минус три руски ловци-бомбардери Су-34!“, напиша командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешчук на апликацијата за пораки Телеграм.
Портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат ја опиша на националната телевизија како „брилијантно планирана операција“.
„Во нашата позитивна статистика веќе некое време нема Су-34“, рече тој, наведувајќи го моделот како еден од најмодерните руски авиони за бомбардирање и други напади.
Во ноќното видео обраќање, Зеленски ја пофали противвоздушната единица на регионот Одеса за соборувањето на авионот во регионот Керсон.
Регионот беше окупиран во првите денови од руската инвазија, на крајот на февруари 2022 година.
Украинските сили се обидуваат да ја вратат територијата и во ноември воспоставија позиции на источниот брег на реката Днепар во Керсон.
Рускиот весник Eurasia Daily објави дека украинскиот извештај е веродостоен.
Киев успеал да лансира ракети „Патриот“, кои имаат дострел до 160 километри, на цели на голема надморска височина, од западната страна на реката Днепар, пишува весникот.
Украинскиот експерт за воздухопловство Валери Романенко изјави за украинското НВ радио дека верува оти ракетите Патриот ги собориле руските авиони.