„Испораката на борбени авиони Ф-16 на Украина ќе биде сигнал дека Русија ќе загуби од нејзината агресија и колку побрзо се спроведе одлуката за авионите, толку подобро“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, цитиран од Ројтерс.
„Дури и првиот украински Ф-16 ќе биде еден од најсилните сигнали од светот дека Русија само ќе загуби од својата агресија. Ќе стане послаба и уште поизолирана“, рече Зеленски во своето традиционално вечерно видео обраќање, цитирано од агенцијата Укринформ.
„Главната работа е брзината на обуката и снабдувањето, односно времето што ќе помине од одлучувањето до вистинската заштита на нашето небо“, нагласи тој.
Зеленски истакна дека вчера беше неговата прва средба со началникот на Генералштабот по сите важни посети, состаноци и одлуки во областа на одбраната, на кои Украина работи долго време со своите партнери, особено во врска со коалицијата за обезбедување борбени авиони за Украина.
„Правиме се што е можно за да го намалиме времето на резултатот, да видиме нови и моќни авиони со украински пилоти на украинското небо“, рече тој.