Претседателот на Украина Володимир Зеленски, обраќајќи им се на лидерите на земјите кои се дел од Здружените експедициски сили (ЏЕФ) , за време на нивната средба во Рига, побарал од нив различни видови оружје што му се потребни на Киев за да ја одбие руската агресија, објавија западните медиуми.
Конкретно, украинскиот претседател побара од британскиот премиер Риши Сунак да го зголеми снабдувањето со системи за противвоздушна одбрана.
Според Ројтерс, Зеленски од литванскиот претседател побарал и системи НАСАМС и ракети Стингер; од министерот за одбрана на Данска – хаубици „Цезар“; од премиерот на Шведска – артилериски системи „Арчер“ и од министерот за одбрана на Холандија – тенкови.
Заедничките експедициски сили предводени од Британија се воени сили со висока готовност способни за брзо прераспоредување и ангажирање во заеднички операции кои се движат од хуманитарна поддршка и одвраќање до борбени операции насекаде во светот.
Тие вклучуваат 10 земји – 8 членки на НАТО, како и Шведска и Финска , кои се во процес на пристапување во Северноатлантската алијанса.
Од почетокот на војната во Украина, претседателот Володимир Зеленски ја искористи секоја можност да го привлече вниманието на светската заедница на ситуацијата во земјата која страда од руската агресија.
Тој зборуваше на десетици самити на различни нивоа , пред парламентите на различни земји, па дури и на отворањето на овогодинешниот Кански филмски фестивал.