Свет

Зеленски: Русија подготвува нови напади пред мировните преговори во Женева

Зеленски: Русија подготвува нови напади пред мировните преговори во Женева

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека разузнавачките податоци покажуваат оти Русија подготвува нови напади врз енергетски цели, предупредувајќи дека таквите удари го отежнуваат постигнувањето договор за завршување на војната што трае речиси четири години. Предупредувањето доаѓа во пресрет на третиот круг мировни преговори во Женева, кои започнуваат во вторник со посредство на Соединетите Американски Држави, пишува Ројтерс.

„Разузнавачките извештаи покажуваат дека Русија подготвува нови масовни удари врз енергетската инфраструктура, затоа мора да обезбедиме сите системи за противвоздушна одбрана да бидат правилно поставени“, рече Зеленски во своето ноќно видеообраќање.

Тој додаде дека руските напади „постојано се развиваат“ и дека во нив се користи комбинација од оружје, вклучително и дронови и проектили, што бара „посебна одбрана и поддршка од нашите партнери“.

„Русија не може да одолее на искушението во последните денови од зимата болно да ги удри Украинците“, рече тој. „Партнерите мора да го разберат тоа. Тоа пред сè се однесува на Соединетите Американски Држави.“

Преговори во Женева

Украинската, руската и американската делегација се собираат во швајцарскиот град на третиот круг преговори, кој првпат ќе се фокусира на најчувствителното прашање во војната – судбината на украинската територија што ја окупира Русија.

Шефот на украинската делегација Рустем Умеров објави на Телеграм дека неговиот тим веќе пристигнал во Женева и дека се надева на „конструктивна работа и содржински состаноци за безбедносни и хуманитарни прашања“.

Москва сака разговор за територија

Москва бара Украина да ѝ го отстапи целото подрачје на Донбас. Кремљ потврди дека руската делегација ќе ја предводи Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин. „Овој пат имаме намера да разговараме за поширок спектар теми, вклучително и клучните. А клучните прашања се однесуваат на територијата и на сите други наши барања“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Двата претходни круга преговори со посредство на САД беа одржани во Обединетите Арапски Емирати и резултираа со размена на заробеници, но без позначителен напредок кон постигнување конечен договор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни