Македонија

ЗЕЛС формира кризен противпожарен штаб пред летната сезона

ЗЕЛС формира кризен противпожарен штаб пред летната сезона

Подобра координација меѓу општините при справување со пожари и можностите за формирање локални енергетски претпријатија биле меѓу главните теми на денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според него, на редовната седница се разговарало за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, а биле донесени и повеќе одлуки поврзани со функционирањето на локалната самоуправа.

Како една од најважните мерки, Ѓорѓиевски го издвои формирањето кризен противпожарен штаб при ЗЕЛС, чија цел е поефикасна координација и побрза реакција при евентуални пожари во текот на летниот период.

„Безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и навремената реакција мора да бидат наш заеднички приоритет“, посочи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека преку ЗЕЛС ќе се зајакнува меѓуопштинската соработка и ќе се создава систем кој ќе може координирано и ефикасно да реагира во кризни ситуации.

На седницата присуствувал и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, со кого било разговарано за можностите за формирање локални енергетски претпријатија.

Според Ѓорѓиевски, производството на електрична енергија од соларни панели и нејзиното пласирање на пазарот би можело да обезбеди дополнителни приходи за општините, средства што потоа би се користеле за локални проекти и услуги за граѓаните.

Од ЗЕЛС посочуваат дека целта е создавање поефикасни институции, посилни општини и подобри услови за живот за граѓаните во државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни