Свет

Земјотрес во Јапонија: Властите ги повикаа жителите веднаш да се евакуираат!

Земјотрес во Јапонија: Властите ги повикаа жителите веднаш да се евакуираат!

На првиот ден од 2024 година, Јапонија беше погодена од неколку земјотреси, од кои најсилниот беше 7,6 степени според Рихтеровата скала.

Јапонските власти ги повикаа жителите „веднаш да се евакуираат“.

Големо предупредување за цунами беше издадено и во крајбрежната област Ното во Ишикава, каде брановите би можеле да достигнат до пет метри.

Властите предупредија и на можно цунами во соседните префектури Нигати и Тојама, каде се очекуваат бранови до три метри.

Новинарите од јавниот радиодифузен сервис НХК ги повикаа жителите да се засолнат на повисоките места и покрај студот, додека во позадина се слушаше пораката – „ЕВАКУИРАЈТЕ“.

„Разбираме дека вашиот дом, дека сите работи ви се скапоцени, но вашите животи се над тоа“, им порача водителката на гледачите.

Луѓето објавија видеа од куќите, возовите и метрото како се тресат за време на земјотресот.

Повеќе од 20 земјотреси со јачина од 4 степени и повеќе ја погодија централна Јапонија за нешто повеќе од 90 минути, соопшти Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).

Најсилниот земјотрес е регистриран во 16:10 часот по локално време, со јачина од 7,6 степени.

Неколку локални медиуми објавија дека ова е првпат властите да издаваат „големо предупредување за цунами“ од 2011 година, кога силен земјотрес го погоди североисточниот дел на Јапонија.

Затворени се сите главни автопати во близина на епицентарот на земјотресот.

Повеќе од 36.000 домаќинства останаа без струја во оваа област, соопшти главниот снабдувач со електрична енергија Хокурику Електрик Пауер.

Јапонските нуклеарни власти соопштија дека „нема ризик од истекување на радиоактивен материјал од нуклеарните централи“ во областите погодени од земјотресите и цунамито.

Јошимаса Хајаши, портпарол на владата, ги предупреди жителите да се подготват за нови земјотреси.

Метеоролошката агенција на Јужна Кореја предупреди дека цунами бранови до 0,3 метри би можеле да го погодат источниот брег на оваа земја во периодот од 18:29 до 19:17 часот по локално време.

Агенцијата ги повикува жителите на планинската провинција Генгвон да се евакуираат на повисоките места.

Русија издаде предупредување за цунами во пристанишните градови на Далечниот исток Владивосток и Находка, објави нејзината државна новинска агенција ТАСС.

Во 2011 година, Јапонија беше погодена од земјотрес со јачина од 9 степени, а цунамито што следеше ги уништи нејзините североисточни крајбрежни заедници, убивајќи речиси 18.000 луѓе.

Десетици илјади жители мораа да ги напуштат своите домови.

Цунамито предизвика нуклеарно топење во централата Фукушима, предизвикувајќи ја најтешката нуклеарна несреќа од Чернобил во Украина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни