Зголемен увозот на струја во Македонија за 26%

Увозот на електрична енергија во мај 2025 година е зголемен за речиси 26 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Паралелно, и извозот бележи раст, но со значително побавна динамика – за нешто повеќе од 11 проценти.

Според статистиката, во мај биле произведени 335.609 мегават-часови електрична енергија, што покрива околу 89 отсто од домашната потрошувачка. Сепак, ова е намалување од над 11 проценти во однос на мај 2024 година, што делумно го објаснува зголемувањето на увозот.

Трендот на раст на производството на електрична енергија од обновливи извори продолжува. Најголем скок бележат ветропаркoвите – нивното производство е зголемено за повеќе од 79 проценти во споредба со истиот месец лани, а уделот на ветерната енергија во вкупното производство ја надмина границата од шест проценти, што е двојно повеќе од претходниот период.

Соларните централи, пак, испорачаа над 36 илјади мегават-часови, што претставува речиси 11 отсто од вкупното производство во земјава.

И покрај порастот на обновливите извори, термоелектраните остануваат главен извор на струја со половина од вкупното производство, иако производството од јаглен во мај е намалено за над 18 проценти во споредба со лани.

Хидроелектраните учествуваа со речиси 31 отсто од вкупната енергија, но и таму има пад на производството за околу 20 проценти.

Владата постави амбициозни цели – целосно напуштање на јагленот до 2027 година и 45 проценти удел на обновливите извори до 2040 година. Во следните пет години се најавени инвестиции од над милијарда евра во зелена инфраструктура и отворање на 15.000 „зелени“ работни места.

Податоците од мај ја откриваат двојната реалност на македонската енергетика – зголемен увоз заради намалено домашно производство, но и значителен напредок во развојот на обновливите извори. Овој баланс меѓу зависноста од странска енергија и стремежот кон одржливи извори ќе биде клучен за идните политики и енергетската независност на земјата.