Бугарија нема отворени билатерални прашања со Република Северна Македонија, а обврските од јули 2022 година веќе не се предмет на спор меѓу Софија и Скопје, туку се официјален став на Европската Унија. Ова го изјави бугарскиот премиер во оставка, Росен Жељазков, пред почетокот на Самитот ЕУ-Западни Балкан во Брисел.
Жељазков нагласи дека позицијата на Софија останува принципиелна и дека фокусот сега е префрлен на исполнување на критериумите кои се дел од преговарачката рамка.
„Компромисот од 2022 е општоевропски став“
Според Жељазков, Бугарија веќе не води спорови со македонската страна во однос на таканаречениот „француски предлог“.
„Позицијата ни е секогаш принципиелна – немаме нерешени прашања со РСМ. Не водиме никакви спорови по прашања поврзани со т.н. компромис од јули 2022 година, бидејќи тоа веќе е општоевропска позиција“, појасни Жељазков.
Тој додаде дека ставот на Бугарија како земја-членка е дека секој кандидат за членство во Унијата треба да биде оценуван исклучиво врз основа на сопствените заслуги и напредок, а не врз основа на субјективната проценка на одделна држава-членка.
Колебање во Скопје за Кластерот 1
Во однос на динамиката на преговорите, бугарскиот технички премиер нотираше забавување кај македонските власти во однос на клучните реформи за отворање на поглавјата.
„Сметаме дека оценката за напредокот за отворање на Кластерот 1 (Темелни вредности), кој е поврзан со преговарачката рамка, покажува извесно колебање од страна на колегите во Скопје. Сепак, тоа не е прашање за кое ние сега го даваме нашето мислење и однос“, заклучи Жељазков.
