Извршниот директор на Јутјуб Сузан Војчицки признава дека им ги одземала телефоните на своите деца со цел да го ограничи времето што го поминуваат гледајќи во екранот.
Војчицки, која управува со платформа дизајнирана да ги држи луѓето „залепени“ за содржината, во едно интервју вели дека за неа е многу важно нејзините пет деца да се фокусираат на „сегашноста“.
„Луѓето треба да научат кога е време да се фокусираат на разговорот и кога е во ред да гледаат видеа или да прават други активности преку Интернет“, посочи таа.
За таа цел, Војчицки вели дека конфискацијата на телефонот може да биде ефикасна.
„Порано им ги одземав сите телефони на моите деца, особено ако сме на семеен одмор, затоа што сакам луѓето да комуницираат едни со други. Така, им ги одземам телефоните и велам: Сите ќе се фокусираме да бидеме навистина присутни“, додава таа.
Војчицки призна дека тоа не секогаш е лесна задача, како и дека во нејзиното семејство важи правилото како и кај повеќето други: Нема телефон на маса!
Директорката на Јутјуб порача дека сака нејзините деца да бидат одговорни за времето што го поминуваат на телефон и да учат „методи на самоконтрола“.
„Кога растев, ме научија дека поминувањето некое време со ТВ е пријатно, но дека мора да се балансира со спортот, училиштето, домашните задачи, читањето и другите активности“, вели Војчицки.
На 11-годишно дете треба да му се даде телефон
На прашањето на која возраст треба да му се даде телефон на детето, таа одговара дека има смисла околу 11 години.
Војчицки не е единствениот извршен директор што зборува за тоа како го следи времето што децата го поминуваат на телефон.
Извршниот директор на Снап, Еван Шпигел минатата година истакна дека тој и неговата сопруга Миранда Кер наметнуваат ограничување од час и половина што нивното седумгодишно дете може да го помине на телефон.
