Жителите бараат помош, општината молчи: Селата во регионот на Карадак блокирани од снег

Над 40 семејства од селата во регионот Карадак повеќе од една недела се блокирани поради обилните наноси од снег. Жителите велат дека неколкупати алармирале за нивната состојба, но дека нивните барања досега не биле земени предвид. ТВ21 денеска тргна кон селото Танушевци, но снегот нѐ спречи да стигнеме до таму. По пат видовме багер кој го чистеше снегот. Но наместо општината, оваа машина е ангажирана од страна на МВР за да го расчисти патот до полициската станица. 

Багерот го расчистуваше патот кој води до полициската станица, но останатите 15 километри до Танушевци се „натрупани“ од снег. Блокираните жители бараат помош и се жалат дека резервите со храна им се при крај. Обвинуваат дека општината Чучер Сандево воопшто не сака да слушне за нивните проблеми.

Се вчитува...

-Ја повикуваме општината Чучер Сандево, градоначалникот Јован Пејковски да го исчисти патот до селото Танушевци, поради тоа што селото е изолирано од снегот. Во селото Танушевци имаме потреба од прехранбени производи, а ова важи и за другите села Малино, Брест, Гушица и Лукари. Имаме потреба и од лекарства. Апелираме да им се излезе пресрет на жителите кои се изолирани веќе две недели – вели Миљазем Аземи, жител на селото Танушевци.

Миљазим Адеми вели дека карадачките села веќе неколку дена немаат никаков контакт со градот. Жителите на Танушевци, освен проблемот со блокираниот пат веќе три месеци се без електрична енергија.

-Друго нешто што нѐ загрижува е тоа што во селото Танушевци нема електрична енергија веќе три месеци, значи веќе три месеци немаме струја. Во моментот во селото Танушевци се блокирани околу 10 семејства, исто во Малино се 20 семејства, во Брест исто така околу 20. Така што, апелираме патот да се деблокира што е можно поскоро со цел луѓето да имаат пристап до градот. Градоначалникот на општината нема преземено иницијатива за расчистување на снегот – рече Аземи.

И во селото Малино се блокирани околу 15 семејства. Во телефонски разговор, жител ни раскажа дека таму состојбата е алармантна и дека уште малку ќе останат и без храна. Жителите веќе неколку дена се обидуваат да стапат во контакт со градоначалникот на Чучер Сандево, Јован Пејковски, но безуспешно. 

-Состојбата е иста како и минатите денови, улиците се блокирани, никој не презема мерки за расчистување на улиците, а градоначалникот на општината пак, не можеме да го сретнеме ниту во општината, а не одговара ниту на телефон. Денеска веќе 8 дена како сме блокирани.

Н: Колку семејства сте во Малино?

-Околу 15. Храната ни е при крај, како за луѓето, така и за стоката. Речиси сѐ се потроши – рече Ајет Шабани од село Малино.

Екипата на ТВ21 беше и во општината Чучер Сандево, но не успеавме да го најдеме градоначалникот, Јован Пејковски, а вработените во општината ни рекоа дека не се надлежни да зборуваат за проблемот на жителите на селото Танушевци.

Репортер: Арменд Гаши

Извор: ТВ21