Граѓаните на Скопје кои со парно греење се снабдуваат од компанијата Скопје Север АД , се жалат дека веќе неколку дена немаат парно греење. Влеговме во домовите на неколку жители за да ни кажат како се снаоѓаат без греење.
Во една од зградите во Џон Кенеди живее Славеј Милески, кој пред неколку години се пензионирал, Тој вели дека навреме ги плаќа сметките но сепак веќе неколку дена се без парно греење. И кога парното е пуштено, како што вели тој , греењето е многу слабо.
Неколку жители, зад камери, велат дека се исклучиле од греењето на Скопје Север АД, бидејќи не биле задоволни. Тие нашле алтернативи, некој со клима, некој со електрична греалка. Ваквите прекинувања ги обесхрабруваат граѓаните и затоа тие се исклучуваат од системот за парно греење, вели Снежана Ѓорѓиева.
Од Друштвото за снабдување со пареа и топла енергија, Скопје Север АД, ни рекоа дека е прекинато снабдувањето со топлинска енергија бидејќи вчера испорачателот на природен гас, Макпетрол Пром-гас го прекина снабдувањето со природен гас. „Проблемот е во начинот на обезбедување на гаранција на плаќањето“ – велат од таму.
„Во текот на вчерашниот и денешниот ден се прават интензивни контакти помеѓу Скопје север АД Скопје, Општина Чаир и Макпетрол Пром-гас за надминување на проблемот и како резултат на овие напори Макпетрол Пром-гас даде налог за приклучување на Скопје Север АД – Скопје на системот за дистрибуција на природен гас на 25.11.2018 во 12:00 часот со цел во следната работна недела да се обезбеди гаранција за плаќањето на природниот гас.“, велат од Управата на „Скопје север АД Скопје“.
Oд компанијата Скопје Север АД – Скопје, негираат дека имаат долг за неплаќање на испорачаната количина на гас кон Макпетрол пром-гас. Последните не успеавме денеска да ги контактираме за да ја потврдиме оваа информација. Од општина Чаир ни рекоа дека се во постојан контакт со двете страни и дека до понеделник очекуваат да се активира системот за парно греење.
Репортер: Бесир Арифи.
