Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел ја повика Србија што поскоро да ја синхронизира својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ и да воведе санкции наметнати од ЕУ и остатокот од Западен Балкан за војната во Украина.
Министрите за надворешни работи на ЕУ изразија очекување дека партнерите и идните членки на ЕУ ќе се заложат за заеднички вредности и заедничка надворешна и безбедносна политика. Оние кои се уште не го сториле тоа, а Србија е една од нив, мора што поскоро да го забрзаат усогласувањето и да воведат санкции. „Ги разбираме тешкотиите и го цениме фактот дека сите тие гласаа против Русија во Генералното собрание на ОН, но очекуваме кандидатите и нашите партнери да бидат целосно во согласност со нашата надворешна политика“, изјави Борел синоќа во Брисел.
По состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан, Борел ги поздрави стратешките и храбри одлуки на партнерите, кои целосно ја прифатија надворешната политика и санкциите на ЕУ.
Според Борел, руската пропаганда и дезинформации се широко распространети во Западен Балкан. Тој предупреди дека во таква ситуација неутралноста на земјите кандидати за членство во ЕУ не соодветствува со нивната европска иднина.
Одржувањето блиски односи со режимот на Путин повеќе не одговара на градење заедничка иднина со ЕУ. Овие две работи не одат заедно. Неутралноста кон војната во Украина е погрешен концепт, рече Борел.
