Жртвување на политичката кариера на Заев – решавањето на спорот со Бугарија може да има вртоглава цена

Волјата на премиерот Зоран Заев да го реши спорот со Бугарија, е во полза на иднината на земјата и стартот на преговорите, смета неговиот коалициски партнер, Али Ахмети, кој дури последното интервју на Заев за бугарски медиум, го гледа како жртвување на политичката кариера.

„Сметам дека ова е ризик, лична жртва на г. Заев, да ја ризикува својата политичка кариера да ги каже толку директно нештата, со најдобра цел – да биде добро за земјата, за државата, за граѓаните…“, истакна Али Ахмети.

Интервјуто на Заев за БГНЕС предизвика низа реакции бидејќи, како што вели аналитичарот Арбен Раткоцери, до пред неколку години се зборуваше за античките корени на македонската нација, а со неговите изјави, премиерот излегува од  досегашните клишеа.

„Сето ова влијаеше врз бурната реакција на македонската заедница, што според мене, јас не сум историчар, е поради една изјава на г.Заев која беше поинаква од досегашните клишеа“, посочи Арбен Раткоцери.

Раткоцери исто така вели дека има нецелосни информации дека е постигнат договор меѓу Заев и неговиот бугарски колега, Борисов и дека неговото интервју е токму во функција на договорот со цел да се релаксира атмосферата. Историчарот Зејни Мазлами, смета дека зависно од успехот или неуспехот во решавање на спорот, Заев ќе плати висока цена.

„Во Бугарија, ако ги земеме резолуциите изгласани во Парламентот, доколку не грешам имаше 1 или 2 воздржани, значи имаме унифициран политички спектар, а тука кај нас имаме поделби. Не се занимавам со активната политика да би знаел дали Заев ќе добие или изгуби, но ќе плати вртоглава цена за успехот или неуспехот“, вели Зејни Мазлами.

Од друга страна, пак, историчарот Фати Исени вели дека спорот со Бугарија не е потежок од оној што Македонија го имаше со Грција. Тој додава дека спорот е заеднички и за Македонците, и за Албанците.

„Ние заедно со нив заглавивме, заглавивме во овој балкански кал и не можеме да одиме напред. Мора да се ослободиме од овој комплекс затоа што на крајот на краиштата сепак сме тука заедно, ако тие се во застој, во застој ќе бидеме и ние. Дури, можам да кажам, во наводници дека ако тие нас нѐ обвинија велејќи „нѐ земавте на врат со многуте навреди од минатото“, сега ние можеме да кажеме „сега вие нѐ земате на врат и нѐ држите во заложништво““, додава Фати Исени.

Исени смета дека треба да се изврши притисок врз македонската страна да пушти, затоа што не постои можност за стопроцентно присвојување на историските личности, но од друга страна и Бугарите треба да бидат фер во овој процес и да не го блокираат европскиот пат на Северна Македонија.

The post Жртвување на политичката кариера на Заев – решавањето на спорот со Бугарија може да има вртоглава цена appeared first on TV21.mk.