Општина Центар се соочува со сериозни предизвици поради интензивната урбанизација, недостигот на инспекциски кадар и недоволните капацитети во образовните установи, предупреди поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Оценувајќи го работењето на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, Богдановиќ посочи дека одредени проекти започнати за време на неговиот мандат се реализираат дури сега. Како пример ја наведе реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, за која, според него, договорот бил потпишан пред пет години.
Особена загриженост изрази поради состојбата со градежната инспекција, тврдејќи дека има голем број пријави по кои не се постапува.
Богдановиќ предупреди и дека масовната изградба на станбени објекти, без паралелно планирање нови училишта и градинки, може да предизвика сериозни проблеми.
Како пример го посочи ООУ „Кочо Рацин“, каде што, според информациите што ги добил, во една паралелка има дури 39 ученици.
Тој предупреди дека, доколку не се обезбедат дополнителни капацитети, училиштата во Центар би можеле повторно да се соочат со потреба од организирање на наставата во две смени.