Лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека е подготвен за повторно истражување на случајот со трагедијата во модуларната болница, вклучително и во соработка со Европското обвинителство.
„Нека се истражи повторно, во соработка со Европското обвинителство, и модуларната болница“, рече Филипче, нагласувајќи дека знае како работел и како ги носел одлуките додека ја извршувал министерската функција.
На прашањето дали тогашниот премиер Зоран Заев требало да ја прифати неговата оставка по трагедијата, Филипче не даде директен одговор, туку се осврна на околностите во кои биле изградени модуларните болници за време на пандемијата.
„Правевме модуларни болници за луѓето да не умираат по паркинзи. Страшно жалам за трагедијата“, изјави Филипче.
Повикувајќи се на одлуката на Обвинителството, тој посочи дека во неговото работење не биле утврдени прекршувања на службената должност или коруптивни дејствија.
Филипче нагласи дека и случајот со модуларната болница треба да биде опфатен со предлогот на СДСМ за повторно испитување на предмети во соработка со Европското обвинителство, без притоа да прецизира како би се реализирала таквата соработка.
Тој остана на ставот дека во својата професионална кариера работел чесно и посветено и дека е подготвен повторно да се испитаат неговите постапки и одлуки.