Зошто да не се амнестира и кумановската група? Амнестијата е селективна, донесена за политички цели, вели Јоанидис

Со измените на Кривичниот законик веќе никој не го разбира законодавецот што сака да каже и  тој што ќе треба да го примени нема да  знае што да примени. Адвокатот Јован Јоанидис смета дека измените се прават за дневно политички цели. Со измените на Кривичниот законик и законот за амнестија поништени  се обвинителствата, правосудството,  СЈО. Се губи еден сегмент од власта, а тоа е правосудната власт, вели Јоанидис.

-Со овие измени нема владеење на право. Настрана што ЕУ бара владеење на право, природата бара владеење на право. Правото дава одредени можности сите да работиме и живееме нормално. Менувањето значи ненормално живеење , а тоа нема врска ни со препораките на европските заедници, ни со НАТО, ни со ништо друго – рече Јоанидис.

Се вчитува...

Амнестијата треба да важи за сите, не треба да биде селективна порачува Јоанидис. Тоа важи и кумановскиот случај. Ако тие одговараат за тероризам, а седат во затвор , зошто и овие кои се обвинети за тероризам да бидат ослободени прашува адвокатот.

-Јас во принцип поддржувам секаква амнестија, ама ако беше за сите и оние во Идризово треба да бидат амнестирани – вели адвокатот.

 За Независен весник министерката за правда Рената Дескоска признава дека носењето закон за амнестија не е лесен процес.

-Последиците од секој закон за амнестија се исти и од оној од 2001 и од овој сега – простувате, ослободувате од казна, но тоа не значи дека заборавате – рече Дескоска.

Законот за амнестија за учесниците во 27 април претседателот Иванов го нарече закон со двојни стандарди, но сепак ги откри причините поради кои го потпишал.

-Ако вие го донесовте законот за пратениците да ви помогнат да ги донесете уставните измени, јас го потпишав да ги разоткријам вашите вистински цели и намери. Оваа амнестија не е за помирување, туку за уценување. Со вакво помирување нема да се помири македонскиот народ – изјави Иванов.

Шеснаесет граѓански организации споени во иницијативата „Не во мое име” до претседателот на Собранието, Талат Џафери и до пратениците кои се предлагачи на измената на Кривичниот законик поднесоа барање да се повлече точката за измена на овој закон од дневниот ред. Во спротивно најавија протести. На синоќешната седница Владата донесе одлука да се повлече од Собранието Предлог-закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси и низ повторена владина процедура овој предлог закон да добие европско знаменце за да се забрза постапката за негово донесување во законодавниот дом.

Репортер: Александра Велинова

Извор: ТВ21