Властите на Хонг Конг денеска соопштија дека истрагата за катастрофалниот пожар во кој загинаа најмалку 146 лица открила дека заштитните мрежи кои ги покривале скелињата на зградите во обновување не биле во согласност со противпожарните прописи. Додека јавноста масовно покажува солидарност и собира донации, владата истовремено заострува реторика и презема мерки за да ги замолчи критиките.
Како избувна и се прошири пожарот
Пожарот, кој избувнал во среда и бил изгаснат во петокот, започнал на долното ниво на мрежата околу една од зградите во станбениот комплекс Ванг Фук Корт. Огнот брзо се проширил внатре откако се запалиле пена плочи кои експлодирале преку прозорците. Силен ветер дозволил пламенот да „скокне“ од една кон друга кула, и скоро сите седум од осум станбени кули биле во пламен.
Првите тестови на материјалите на скелињата покажале дека сè е во согласност со прописите, но кога истражителите собрале 20 примероци од различни нивоа, вклучувајќи и тешко достапни катови, седум од нив не ги задоволиле безбедносните стандарди.
Главниот секретар Ерик Чан оценил дека тоа е јасен знак дека изведувачите на работите користеле поевтини материјали за да го зголемат профитот. „Сакаа само да заработат, и тоа на сметка на човечки животи,“ рече Чан за новинарите. Секретарот за безбедност Крис Тан додаде дека претходно не било возможно да се земат примероци од сите делови поради активниот пожар, што довело до нови откритија сега кога зградите се достапни.
Донации и процена на штети
Во меѓувреме, донациите за погодените достигнале 900 милиони хонгконшки долари (околу 115 милиони американски долари). Граѓаните постојано се собираат пред импровизираниот споменик покрај изгорените блокови, носејќи цвеќе, пораки и свеќи. „Кога ќе се случи нешто вакво, ние се помагаме меѓу себе,“ рече жителката Лорета Лох.
Во комплексот Ванг Фук Корт, во предградието Тај По, живееле околу 4600 луѓе. Само една од осумте кули, секоја со 31 кат, останала недопренa. Преку викендот, тимови на полициската единица за идентификација на жртвите поминале низ четири најпогодени згради и пронашле уште 30 тела, со што бројот на загинати достигнал 146. Околу 100 лица се водат како исчезнати, а 79 се повредени.
Денеска властите започнале проценка на безбедноста на останатите згради, вклучувајќи ја и зградата каде што започнал пожарот, која претрпела најголеми оштетувања. Собраните средства, како и 300 милиони долари обезбедени од владата, ќе бидат наменети за обнова на домовите и долгорочна помош на преживеаните.
Владата веќе обезбедила еднократна парична помош за основни трошоци, вклучувајќи погреби, и работи на привремено и трајно сместување за жителите. До понеделник, 683 лица биле сместени во хотели и хостели, а уште 1144 во привремени станбени единици; отворени се и две итни засолништа.
Предупредување за ризик
Сите згради биле обвиткани со бамбукови скелиња прекриени со најлонски мрежи, додека прозорците биле заштитени со полистиренски плочи. Властите сега истражуваат дали овие материјали ги прекршиле прописите. Жителите, според хонгконшкиот Завод за труд, веќе речиси една година предупредувале за ризикот, а инспекторите од јули 2024 година извршиле 16 надзори и повеќепати писмено ги известиле изведувачите дека мораат да ги почитуваат безбедносните стандарди.
Последниот надзор бил само една недела пред пожарот. Антикорупциската агенција уапсила 11 лица, вклучувајќи директори на градежната компанија и нејзиниот консултант. Сè повеќе се поставува прашањето дали одговорност сноси и дел од државниот апарат.
„Луѓето се лути и сметаат дека хонгконшката влада треба да одговара,“ рече Жан-Пјер Кабестан, политолог и истражувач во Asia Center. Но просторот за несогласување е сè помал откако поранешната британска колонија во 1997 година беше вратена на Кина, а властите сè почесто ги замолчуваат критиките под изговор на национална безбедност.
Тан изјави за новинарите дека се шират „лажни гласини“, вклучувајќи тврдења за погрешни тактики на пожарникарите и дека некои преживеани морале да плаќаат сместување во хотел по 8000 долари за ноќ. „Сè тоа е невистина. Ќе ги уапсиме оние што шират такви гласини,“ рече тој.
„Дестабилизација на Хонг Конг“
Во сабота, Канцеларијата за заштита на националната безбедност објави остро соопштение за „зли планови“ на луѓе кои наводно ја користат трагедијата за „создавање хаос и дестабилизација на Хонг Конг“, без конкретни примери.
Истиот ден, еден маж е уапсен за учество во интернет-петиција за одговорност на властите поради пожарот, објавија медиумите HK01 и Sing Tao Daily. Двајца други лица биле уапсени во недела, вклучувајќи волонтер кој помагал на жртвите.
Кабестан вели дека хонгконшките власти се однесуваат сè повеќе како оние на кинескиот копнен дел, гушејќи потенцијални протести пред да се случат. Полицијата не коментирала поединечни апсења, наведувајќи за AP дека „постапуваат согласно законот и реалните околности“.
Властите, потсетуваат медиумите, речиси целосно го загушиле јавното несогласување по масовните протести во 2019 година и практично го онеможиле масовното собирање и кандидатури на опозициски политичари.
