Дејан Манасиев, кој работел како шанкер во дискотеката „Пулс“ од самото отворање во 2012 година, денеска пред судот го даде своето сведоштво. Тој откри дека персоналот работел без договори, немале никаква обука за заштита од пожари, а кобната вечер голем дел од вработените не успеале да излезат живи.
Манасиев, кој се бори со тешки здравствени последици и намалена сатурација, истакна дека наредбите ги добивале директно од газдата „Деко“.
Работа на црно и исплата „на рака“
Сведокот потврди дека работниот однос во дискотеката бил неформален.
- Без осигурување: „Договор немав потпишано, сум бил некогаш осигуран на пола работно време, а последните години не“, изјави Манасиев.
- Исплата: Газдата Деко ги давал наредбите и парите. Шанкерите ги земале дневниците на крајот од смената, додека келнерите биле исплаќани однапред.
Кобната ноќ: Полицијата влегла 10 минути пред пожарот
Манасиев процени дека таа вечер имало околу 500 гости и 82 маси. Тој потврди дека непосредно пред трагедијата имало полициска контрола.
„Полицајците не знам точно кога влегоа, но јас ги видов. Откако влезе полицијата по 10-15 минути беше пожарот“, рече сведокот.
Тој додаде дека и во минатото имало чести рации за малолетници и контроли од УЈП, но забавата никогаш не била прекинувана поради тоа.
„Луѓето снимаа наместо да бегаат“
Кога избувнал пожарот, многумина не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата, што придонело за трагедијата.
„Огнот се ширеше многу брзо. Присутните не го сфатија многу сериозно, некои од кај вратата снимаа и не може да излезат“, раскажа Манасиев.
За безбедносните мерки, тој истакна дека вработените немале никаква обука за заштита при работа и не бил сигурен дали воопшто имало хидранти, освен неколку противпожарни апарати.
Манасиев низ солзи раскажа за загубата на колегите.
„Од вработените таа вечер само Анастасија преживеа. Починаа другите шест-седум“, рече тој.
Самиот тој претрпел сериозни повреди на дишните патишта, лекувајќи се во Штип, Скопје и девет дена во Грац, Австрија. Последиците ги чувствува и денес.
„Сега повторно ми е падната сатурацијата после 10 месеци, падната ми е на 65%“, откри сведокот, додавајќи дека бара оштета, но не се приклучува кон кривичниот прогон.
