Бројот на загинатите во пожарите на хавајскиот остров Мауи надмина 100 лица, соопшти гувернерот на државата Хаваи Џош Грин, цитиран од Франс прес.
„Сто и еден живот веќе се изгубени“, рече тој на телевизиската прес-конференција. Според него, спасувачките тимови пребарале нешто повеќе од една четвртина од површината што треба да ја покријат.
Тоа е најсмртоносниот шумски пожар во повеќе од еден век во САД. Градот Лахаина, на западниот брег на Мауи, речиси целосно беше зафатен од пламените јазици. Таму изгореа илјадници згради.
Поранешниот главен град на Кралството Хаваи, со 12.000 жители, ги брои загинатите, а властите предупредија дека бројот на жртвите може значително да се зголеми во следните неколку дена. Роднините на исчезнатите лица се охрабруваат да направат ДНК тест за да помогнат во идентификувањето на телата, кои често се непрепознатливи.