14 годишник од Гостивар фатен како вози украдено БМВ на патот Ресен-Охрид

Полициски службеници од СВР Охрид вчера привеле 14-годишно момче од Гостивар, откако го затекнале како управува патничко возило „БМВ“ за кое постои сомнеж дека било украдено. Неверојатниот случај се одиграл на регионалниот пат Ресен-Охрид, во близина на селото Косел.

Полициската патрола го забележала возилото со гостиварски регистарски таблички вчеравечер околу 18:15 часот и веднаш го запрела, по што било утврдено дека зад воланот се наоѓа малолетник. Возилото било веднаш исклучено од сообраќај, а со дополнителни проверки било констатирано дека постои сомневање дека е противправно одземено од 66-годишниот сопственик Г.И. од гостиварското село Форино.

Согласно законските прописи за малолетници, со 14-годишникот бил извршен службен разговор во присуство на претставник од Центарот за социјални работи од Охрид. По разговорот, момчето било спроведено во надлежната полициска станица во Гостивар.

Од МВР информираат дека возилото му е вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот, против малолетникот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.