16 приговори до ДИК по вториот круг од локалните избори

До денеска претпладне, Државната изборна комисија (ДИК) примила вкупно 16 приговори поврзани со сумирањето и утврдувањето на резултатите од вториот круг на локалните избори, одржани на 2 ноември. Рокот за поднесување на приговори завршува денеска во 16:30 часот, односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати.

Хаким Рамадани, поддржан од ВЛЕН, поднел приговор за гласачките места 2032, 2033, 2034 и 2035 во општина Брвеница. Во вториот круг таму победи Јовица Илиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со 4.374 гласа, додека Рамадани доби 4.224 гласа.

Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за гласачките места 2955, 2956, 2956/1, 2959, 2959/1, 2961, 2961/1, 2971, 2971/1 и 2973 во Шуто Оризари. Дополнително, Сојузот на Ромите поднел приговори за гласачките места 2961, 2962 и 2966 во истата општина. Таму во вториот круг победил Курто Дудуш од Унијата на Ромите со 3.894 гласа, додека Ерџан Демир, поддржан од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, освои 3.406 гласа.

Коалицијата „Искуство за успех“, која го поддржуваше Стевчо Јакимовски, поднела приговори за гласачките места 2613 и 2631 во Карпош. Во оваа општина победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Сотир Лукровски, со 13.512 гласа, додека Јакимовски доби 12.378 гласа.

Според информациите од ДИК, седницата за одлучување по приговорите најверојатно ќе се одржи утре.