Со одбележување на годишнината од трагичната авионска несреќа кај Мостар, денеска се оддава почит на поранешниот претседател Борис Трајковски и на останатите осум лица кои го загубија животот на 26 февруари 2004 година.
Централните настани ќе се одржат во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље, во близина на Мостар, каде што се случи несреќата. Членови на семејствата, претставници на државни институции и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски на Градските гробишта Бутел, како и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.
Во несреќата, покрај Трајковски, загинаа Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски од обезбедувањето, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Владиниот авион „Кингер“, со кој претседателот патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Леталото требало да слета на мостарскиот аеродром околу осум часот по локално време, а неговите остатоци беа пронајдени 24 часа по несреќата.
Првичната истрага што ја спроведоа македонските и босанските надлежни органи утврди дека причините за уривањето се поврзани со пропусти на екипажот при приоѓањето кон аеродромот во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.
Во јануари 2013 година, по барање на македонските власти и по обезбедување дополнителни докази од страна на Министерството за внатрешни работи, беше отворена нова истрага што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И овој извештај како клучни причини ги наведе грешките на екипажот и системските пропусти.
Трајковски беше роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Функцијата претседател на Република Македонија ја извршуваше од 15 декември 1999 година до трагичниот 26 февруари 2004 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, а претходно ја извршуваше и функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски.
Неговото име останува трајно запишано во поновата политичка историја на државата, а годишнината од несреќата и оваа година се одбележува со почит и сеќавање.
