Македонија

„27 април“, 211 години затвор за 16 обвинети – Чавков со 18 години, Алими 7, а Дурловски ослободен

Под обвинение “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, 16 обвинети за насилствата од 27 април добија затворска казна од вкупно 211 години. Највисока казна од 18 години му беше изречена на екс директорот на Бирото за јавна безбедност , Митко Чавков. По 15 години добија Митко Пешов, Душко Лазаров, Горјан Ѓошевски – Леви, Јане Ченто, Мунир Пепиќ, Никола Митревски – -Кољо и Влатко Трајковски.

14 години затвор за Вилијам Михајловски, 13 за Оливер Поповски, 12 за Горанче Ангеловски – Ќосето, Игор Југ и Младен Додевски. На Оливер Радуловиќ му е изречена казна затвор од 10 години, на Александар Василевски – Нинџа 8 години, а на Абдиљфета Алими 7 години.

Митко Чавков: 18 години

Митко Пешов: 15 години затвор

Душко Лазаров: 15 години затвор

Горан Ѓошевски – Леви: 15 години затвор

Јане Ченто: 15 години затвор

Влатко Трајковски: 15 години затвор

Мунир Пепиќ: 15 години затвор

Никола Митревски: 15 години затвор

Вилијам Михајловски: 14 години затвор

Оливер Поповски: 13 години затвор

Горанче Ангеловски – Ќосето: 12 години затвор

Игор Југ: 12 години затвор

Младен Додевски: 12 години затвор

Оливер Радулов: 10 години затвор

Александар Василевски – Нинџа: 8 години затвор

Абиљфета Алими: 7 години затвор

Најрадосен во судската сала беше Игор Дурловски кој беше прогласен за невин.

Со ослободувањето на Дурловски не се согласи обвинителката Ивана Трајчева, која остана на ставот дека тој извршил кривично дело за кое е обвинет. Дали Обвинителството ќе се жали или не за ослободувањето на Дурловски, Трајчева рече дека за тоа ќе одлучат откако ќе ја добијат писмената пресуда од судот. За другите казни, Трајчева рече дека правдата е задоволена.

Адвокатот на Митко Чавков рече дека казната од 18 години не е изненадување ниту за него ниту за неговиот клиент а според него, одлуката не е резултат на утврдената фактичка состојба.

Роднините на Абдиљфета Алими рекоа дека денеска очекувале ослободување  а не казна затвор од 7 години.

„Ова воопшто не е оправдано. Еднаш Фетах Алими беше херој, а сега 7 години затвор, ова ниту се опишува ниту може да се замисли, не знам што да кажам. Никакво злодело нема направено, само добро направи, спаси човек, а да добие 7 години затвор, ова е неприфатливо, јас не гледам овде правда“, изјави Алим Јашари – братучед на Абдиљфета Алими.

Поради стравување дека обвинетите може да се дадат во бегство, Обвинителството побара притвор за оние кои до сега се бранеа од слобода и продолжување на притворот за оние кои до сега беа во притвор. Со образложение дека обвинетите депонирале голема сума пари или имот, адвокатите го оспорија ова барање на Обвинителството. Меѓутоа, не беше такво барањето на Ќосето, кој не бараше да се брани од слобода.

„Супер ми е со другарчињата во Шутка и така немам пари да се вратам во Велес оти не сум крадел“, рече Горанче Ангеловски – Ќосето, осуден на 12 години затвор.

Судскиот процес за крвавата ноќ  од 27 април 2017 година, почна на 22 август 2018. На почеток беа обвинети 33-мина, но по законот за амнестија усвоен во Собрание, 15 беа ослободени со образложение дека не извршиле насилство и не биле организатори. Во своето излагање судијката Добрила Кацарска рече дека кодираниот сведок Н1 изјавил дека насилните настани биле “претходно смислени, организирани и финансирани“. Според сведокот, целта бил Зоран Заев, Зијадин Села и Дамјан Манчевски. Кацарска додаде дека настаните од 27 април ќе се испишат со црни букви.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни