30 години од атентатот на Глигоров : Остана отворена истрагата и прашањето – кој ја постави бомбата пред „Бристол“?

Денеска се навршуваат точно 30 години од атентатот врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, напад кој тој го преживеа со тешки повреди на главата, но кој и по три децении останува една од најголемите мистерии во поновата македонска историја, со сè уште отворена истрага против непознат сторител.

Кобниот 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот, на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“, експлодираше автомобил-бомба „цитроен ами 8“ во моментот кога службеното возило на претседателот се движеше кон неговиот кабинет во Собранието. Истрагата утврди дека нападот бил добро организиран: автомобилот бил наполнет со 20 килограми експлозив од југословенско производство, а возилото на претседателот било забавено од „фиќо“ за да се обезбеди максимална ефикасност на експлозијата.

Во нападот, на лице место загина возачот на претседателот, Александар Спировски, а подоцна од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов. Покрај претседателот Глигоров, повредени беа и неговиот телохранител Илчо Теовски и граѓаните Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Теории и шпекулации, но без докази

Иако истрагата понуди неколку можни насоки, до денес остана енигма кој стоел зад атентатот. Со текот на годините се спомнуваа повеќе можни нарачатели: од српско-руското подземје, југословенската тајна служба „КОС“, бугарската фирма „Мултигруп“, па сè до т.н. „Братиславска врска“ и домашни служби.

Тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, набрзо по нападот изјави дека зад атентатот стои „мултинационална финансиско-економска групација“ со седиште во соседна земја, која ангажирала домашни извршители. И покрај тоа што подоцна понуди оставка, Фрчкоски остана на ставот дека трагите водат кон „Мултигруп“ и „КОС“, но цврсти докази никогаш не беа пронајдени.

Интересен е и детаљот дека веднаш по експлозијата, на новинарите им била пуштена приказна за „двајца брадести мажи во рено 19“ кои бегале кон Бугарија, информација која никогаш повеќе не била официјално спомната, оставајќи сомнеж за намерна дезинформација уште во првите мигови од истрагата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.