Оперативната сала во Општата болница во Кочани добива современа медицинска опрема во вредност од 47.000 евра, обезбедена со поддршка на „Полиш еид“ преку Амбасадата на Република Полска. Новата опрема веќе се користи, а во текот на вчерашниот ден со неа биле извршени три операции.
Опремата вклучува најсовремен операционен стол, компатибилен хистероскоп, операционо светло и дополнителна хируршка опрема. Болницата ја посети министерот за здравство Сашо Клековски, по повод реализацијата на донацијата.
Покрај донацијата, во установата се спроведуваат и други активности за подобрување на здравствените услуги. Набавен е нов дигитален рендген-апарат, чија инсталација се очекува во наредниот период, а одделот за физикална терапија е опремен со современа медицинска опрема.
Од болницата информираат и дека на гинеколошко-акушерскиот оддел е забележан значаен пораст на бројот на породувања по ангажирањето на новите гинеколози. Дополнително, службата за итна медицинска помош е зајакната со две нови амбулантни возила.
Клековски најави дека модернизацијата на болницата во Кочани ќе се разгледува заедно со Клиничката болница во Штип, со цел здравствените капацитети во источниот регион да се планираат како поврзана целина.
„Источниот регион треба да се планира како целина – што се развива во Кочани, што во Штип и како двете болници меѓусебно се надополнуваат, наместо да се планира болница по болница“, истакна министерот.
Тој им се заблагодари на „Полиш еид“ и Амбасадата на Полска за поддршката, како и на Општина Кочани и вработените во болницата за нивниот ангажман во унапредувањето на здравствената заштита.