Со цел унапредување на заштитата на природата и подобро следење на биодиверзитетот, Јавната установа Национален парк „Пелистер“-Битола постави 40 камери за мониторинг на повеќе локации низ паркот.
Камерите, односно фото-замките, се инсталирани викендов во реоните на Нижо Поле, Цапари, Вртушка и Брајчино и претставуваат дел од современ систем за следење на состојбите во природата. Од установата информираат дека овој пристап овозможува прибирање прецизни податоци за движењето и навиките на дивите животни, како и проценка на нивната бројност.
Директорот на ЈУНП „Пелистер“-Битола, Иванчо Тошевски, посочи дека системот ќе помогне и во навремено откривање на потенцијални закани, како и во поддршка на научни и стручни анализи. Посебен акцент е ставен на следење на клучни видови како кафеавата мечка, дивокозата, како и на крупни цицачи меѓу кои волкот, рисот, дивата свиња и срната, кои се важни показатели за состојбата на екосистемот.
Покрај дивиот свет, континуирано се следат и чувствителни живеалишта како глацијалните езера, моликовите шуми, камените реки и алувијалните подрачја, како и ендемични и заштитени растителни видови. Под надзор се и водните екосистеми и популациите на пастрмка, птици, лилјаци, инсекти, водоземци и влекачи.
Од установата нагласуваат дека податоците собрани од камерите, со цел зголемена безбедност во рамки на паркот, ќе бидат достапни и за СВР Битола.
