Министерството за финансии анализира дали становите што се продаваат за првпат ќе продолжат да се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5% или данокот ќе се зголеми на 18%. Повластената стапка важи до крајот на 2025 година, а одлуката за тоа што ќе следува треба да биде донесена наскоро, јавува ТВ21.
„Во рамките на Министерството за финансии, а во координација со другите релевантни институции, ќе се направи детална анализа и доколку се оцени неопходно преземањето определени мерки и активности, тие ќе бидат предложени до Владата на понатамошно разгледување и одлучување“, велат од ресорното министерство.
Повластената стапка беше воведена уште во 2010 година како антикризна мерка за стимулирање на градежната индустрија. Но, последниве години цените на становите рушат рекорди. Според Народната банка, само во вториот квартал од годинава тие пораснале за 22,3 проценти.
Градежните компании предупредуваат дека евентуалното зголемување на ДДВ ќе предизвика поскапување на становите за цели 13 проценти, што ќе влијае негативно врз продажбата и севкупниот промет во градежништвото.
„Доколку ДДВ-то кое што во моментов е 5 проценти се покачи на 18 проценти при купување на недвижност, автоматски ќе дојде до покачување на цената во разлика од тие 13 проценти, кое секако ќе влијае негативно на пазарот. Со оваа ставка од 5 проценти многу повеќе има бенефит самата држава, него доколку би се покачил ДДВ-то“, изјави за ТВ21 Ивица Јакимовски од „Голден Арт“.
Од друга страна, Управата за јавни приходи веќе алармира за висок ризик од даночна недисциплина во градежништвото – со договори на нереално ниски цени, плаќање во кеш и можности за злоупотреба кај ДДВ-то. Директорката Елена Петрова истакна дека само годинава биле испратени известувања до 318 компании за корекција на неправилности.
Дополнително, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, минатиот месец најави мерки за справување со шпекулативниот раст на цените. Тој потенцираше дека половина од становите се купуваат во кеш и дека мора да се провери потеклото на тие пари.
