Македонија

50.000 влезници: Спектаклот на Давид Гета во Скопје распродаден за помалку од 12 часа!

50.000 влезници: Спектаклот на Давид Гета во Скопје распродаден за помалку од 12 часа!

Македонија се подготвува за незапаметен музички спектакл по повод 35 години од независноста на државата. Концертот на светската диџеј ѕвезда Давид Гета (David Guetta), насловен како „The Monolith“, кој ќе се одржи на 8 септември, е официјално распродаден за рекордно време, соопштија од „Авалон продукција“.

Целиот капацитет на Националната арена „Тодор Проески“ беше „разграбан“ за помалку од 12 часа, при што се продадени неверојатни 50.000 влезници.

Навала која го преоптовари системот

Интересот за овој настан ги надмина сите очекувања и капацитети. Според информациите од организаторите, во еден момент повеќе од 250.000 луѓе истовремено се обиделе да пристапат до официјалниот сервис за продажба, што предизвика привремени технички потешкотии при логирањето.

„Побарувачката евидентно го надмина капацитетот и бројот на достапни влезници. Секој што успеал да купи билет, ќе го добие својот PDF во текот на следните денови. Поради огромниот волумен од 50.000 влезници кои треба да се процесираат, сите корисници ќе ги имаат билетите на своите мејлови најдоцна до недела, 17 мај“, појаснуваат од „Авалон“.

Публиката доминално домашна, но има интерес и од целиот свет

Она што е особено интересно е структурата на купувачите, која покажува дека најголемиот дел од Арената ќе биде исполнет со домашна публика.

  • 93% од влезниците се купени од корисници во Македонија.
  • 7% од билетите отидоа во рацете на фанови од регионот и ширум светот, кои специјално за овој настан ќе допатуваат во Скопје.

Со оглед на брзината со која се продадоа билетите и аудио-визуелниот концепт на „The Monolith“, 8 септември се очекува да биде вечер за паметење и еден од најголемите музички настани во историјата на независна Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни