500 евра казна ќе плати разрешениот директор на Неврологија оти 5 месеци работел без лиценца

Разрешениот директор на Универзитетската клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, ќе плати парична казна во износ од 500 до 1.000 евра, бидејќи како здравствен работник извршувал медицинска дејност без важечка лиценца за работа, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Министерот за здравство Азир Алиу го разреши Кузмановски на 10 октомври, откако на социјалните мрежи се појави видео во кое тој, во домашна атмосфера, меша бела прашкаста материја и коментира со асоцијации поврзани со кокаин.

Неколку дена подоцна, министерот потврди дека Лекарската комора го известила оти на Кузмановски му истекла лиценцата за работа уште на 15 март годинава. Поради тоа, формирани биле комисии кои преку системот „Мој термин“ провериле дали во меѓувреме работел со пациенти.

„Се испитува дали во периодот од 15 март до 8 август, кога стана директор, д-р Кузмановски работел со пациенти без важечка лиценца“, изјави Алиу.

Од ДСЗИ потврдија дека ќе му биде издаден прекршочен налог согласно член 309 од Законот за здравствена заштита, а казна ќе следи и за правното лице – Клиниката за неврологија, како и за одговорното лице, односно претходниот директор, Фатмир Меџити.

Во извештајот на Инспекторатот стои дека според податоците од системот „Мој термин“, д-р Кузмановски обавувал здравствена дејност до 8 август 2025 година, кога бил именуван за в.д. директор. Од тој датум натаму не се евидентирани здравствени услуги извршени од негова страна.

Последната лиценца му била издадена од Лекарската комора на Република Македонија под број 0009786, со важност до 15 март 2025 година.

Инспекторатот извршил контрола и на останатите 33 лекари на Клиниката и утврдил дека сите имаат валидни лиценци.

Дополнително, било констатирано дека специјалистичките извештаи по прегледите се заверувале со факсимил и печат од административни работници, наместо од самите лекари, што е спротивно на член 13 од Законот за евиденции во здравството.

„За сите утврдени неправилности ќе биде издадено решение со наредба за нивно отстранување“, наведуваат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.