Во Клиниката за белодробни заболувања во Козле моментално се хоспитализирани 60 деца, од едномесечни бебиња до ученици. Станува збор за потешки респираторни инфекции кои не можат да се третираат дома, а за едно деноноќие се извршуваат до 150 прегледи. Засега нема потврден случај на грип.
Директорката на клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска, апелира родителите најпрво да ги следат симптомите дома и да се обратат кај матичен лекар, а во случај на отежнато или забрзано дишење и интензивна кашлица – да побараат болничка помош. Најчести симптоми се потешко дишење, свирење во градите и висока температура, а дел од хоспитализираните пациенти имаат потреба од кислородна поддршка.
Институтот за јавно здравје засега не бележи пораст на случаи со симптоми слични на грипот. Лекарите очекуваат пикот во јануари.