Вчера продолжи судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“, кое го следат семејствата на загинатите и пошироката јавност. На влезот во судницата, обвинетите беа пречекани со транспарент на кој се прикажани ликовите на 63-те загинати, со порака: „63 сенки ќе ве следат, секој поглед бара правда“.
На последното (во вторникот) рочиште ниту еден од обвинетите не призна вина за пожарот во кој загинаа шеесет и три лица.
Пред почеток на главната расправа, Јулија Златкова, мајка на едно од загинатите деца, јавно го изрази својот револт. Таа оцени дека обвинетите не покажале никаква човечност и одговорност, истакнувајќи дека „63 не е бројка, туку 63 уништени иднини“.
Одбраната на обвинетиот Џеваир Камбери целосно ги демантираше наводите дека во неговата затворска ќелија биле пронајдени 13 телефони и лаптоп, тврдејќи дека е откриен друг сопственик на уредите. Судијката Дијана Груевска Илиевска остана на ставот дека таа само ги пренела официјалните информации добиени од затворот.
Обвинетиот Огњан Георгиев, поранешен градежен инспектор, побара од обвинителството да му го врати мобилниот телефон кој бил одземен како доказ, тврдејќи дека во него нема инкриминирачки материјали. Неговиот адвокат, Зоран Зафировски, тврдеше дека инспекторите немаат надлежности какви што им се припишуваат и дека немало правна основа Георгиев да интервенира во „Пулс“.
Обвинетиот Николчо Гоцев, исто така градежен инспектор, во одбраната истакна дека ноќта на трагедијата лично помагал во извлекување на повредените. Тој тврди дека бил подложен на притисоци од истражните органи и дека законски немал надлежност да влегува во објект без налог.
Адвокатката на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, посочи дека тој уште пред отворањето на дискотеката побарал утврдување на минимално-техничките услови, но државните институции не реагирале. Димитровски пред судот истакна дека во 2012 година испратил допис до Министерството за економија, за кој, како што рече, никогаш не добил одговор.
Одбраната на другиот поранешен градоначалник, Николчо Илијев, тврдеше дека дискотеката во голем дел од неговиот мандат не работела поради ковид-пандемијата и дека тој никогаш не бил информиран за постоечки неправилности.
Во одбраната на Љупчо Папазов, исто поранешен градоначалник, неговиот адвокат нагласи дека емоциите не смеат да бидат доказ, а дека Папазов уште истата ноќ учествувал во спасувањето и поднел оставка од морални причини.
Во еден од поретките емотивни моменти во судницата, адвокатот на обвинетиот Јане Јанчевски, управител на „Рубикон“, побара оддавање почит со една минута молк за загинатите. Судијката го прифати барањето и присутните оддадоа почит во тишина.
За Лазар Захариев, вработен во агенцијата за обезбедување, одбраната тврдеше дека тој не бил присутен во моментот кога била внесена пиротехниката и дека спасил десетици животи. Захариев кратко се обрати, велејќи дека жали што не успеал да спаси уште повеќе луѓе.
Судењето продолжува на 10-ти декември.