Македонија

Филипче за инцидентот во ГОБ „8-ми септември“: Чин на крајно непочитување на здравствените работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат

Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил посочува дека вечерва во ГОБ „8-ми септември“, докторка била нападната од семејство на пациентка која по неколку дена болничко лекување починала од коронавирус.

Тој посочува дека во случајот интервенирала полицијата која привела неколку члена од семејството на починатата.

Имено, тие се обиделе насилно да го земат телото без да го спроведат соодветниот протокол за лица починати од ковид-19.

„Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата. Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент“, пишува Филипче.

Тој истакнува дека тие кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани.

„Цврсто сум уверен дека тие постапиле професионално и согласно протоколите и ги повикувам надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно“, порачува Филипче.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни