Амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар во рамки на денешната посета на Охрид, се сретна со раководството на Националниот парк „Галичица“, а направи обиколка и на Репродуктивниот центар за европски елен во рамки на паркот.
Репродуктивниот центар се наоѓа на локалитететот „Косто бачило“, се простира на површина од 86 хектари, а во него е сместено матичното стадо од 30 единки, од кои 24 женки и шест мажјаци, а веќе има и подмладок на мали еленчиња.
Амбасадорот се запозна со главните функции на центарот во насока на заштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта, заштита на пејсажните и пределските вредности, намалување на ризикот од пожари, подобрување на атрактивноста на Националниот парк „Галичица“ и едукативната функција.
Инаку, на средбата со директорот на НП „Галичица“ Васко Паскали било разговарано за активностите што ги презема установата и плановите за во иднина. Жбогар бил информиран за напредокот и резултатите од спроведувањето на Проектот: „Подобрување на ефективноста во заштитата и управувањето со Националниот парк Галичица” што се реализира со финасиска поддршка на ЕУ.
.