Жителите на Битола до рано утрово ја исцрпуваа водата од своите домови и деловни објекти, по синоќешните обилни врнежи од дожд кои предизвикаа поплави.
Ова е домот на едно битолско семејство на улицата Ѓорче Петров. Оваа дневна соба, синоќа се претворила во езеро.
„Затоа што каналот, испустот кон пругата е затворен, со новиот пат кога го правеа со новиот колектор не му пуштија цевка. И сега тој канал ќе се наполни од таму и кога ќе дојди оваа вода тука, веќе извира“, вели граѓанин.
Граѓаните велат дека веднаш пријавиле до надлежните служби, но реакција била по неколку часа.
„Еве се познава на куќата до каде беше водата во која висина, премногу вода значи, ние побаравме порано помош, но не знам може беа зафатени, може имаше прблеми и на друго место. Додека дојдоа, саат и пол помина, ова веќе беше полно“, посочи граѓанин.
Една од најпогодените е и населбата Јени Мале. Жителите не сакаа да зборувата пред камера, но велат дека проблемот не е од сега. Неколку пати барале проблемот да се реши од општината, но одговор не добиле.
Овие снимки пак се од влезот на градот, каде заглавени биле и неколку автомобили.
Голема материјална штета е направена и во старата битолска чаршија каде се поплавија речиси сите подрумски простории. Градоначалничката вели дека цела ноќ се работело на критичните точки, а ќе следува и дезинфекција, бидејќи во голем дел од објектите водата се враќала преку канализацијата.
„Веднаш по првите повици Јавните претпријатија Нискоградба и Водовод, вклучително и пожарната делуваа на терен, беше одржан кризен штаб на кој беше реферирано што е направено во тие два-три часа, за потоа да се дадат напатствија на следни делувања, се работеше во текот на целата ноќ на расчистување на критичните точки, она што ќе следува е до расчистување и дезинфекција која исто така е значајна особено во овие околнисти во кои се наоѓаме“, истакна Наташа Петровска.
Жителите велат дека вака големи поплави не паметат повеќе од 10 години. Општината објави и повик на кој граѓаните треба поднесат барање за надомест на штета.
За само 15-тина минути заврнаа над 40 литри дожд на метар квадратен. Делувано е со градобијни ракети за растерување на тешки облаци со град.
.